ОРГАНОГРАМ

Organogram

ИСТОРИЈАТ НА ДРЖАВНОТО ПРАВОБРАНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


    Јавното правобранителство за првпат како институција е основано на 11 мај 1952 година со Законот за Јавното правобранителство ("Службен лист на ФНРЈ" бр. 24/52).     Според одредбите на овој Закон, Јавното правобранителство ги застапува во имотно правните односи Федеративна Народна Република Југославија, народните републики, автономните единици, околиите, градовите и општините како и нивните установи на кои име признато својството на правно лице.Правата и должностите  на Јавното правобранителство го вршат Јавното правобранителство на ФНРЈ и Јавните правобранителства на народните републики кои се осниваат при Министерството за финансии на ФНРЈ и Министерството за финансии на народните републики.
    На чело на Јавното правобранителство на ФНРЈ стои сојузен јавен правобранител, а на чело на Јавното правобранителство на народната република стои републички јавен правобранител.
     Со донесувањето на Законот за Јавното правобранителство ("Службен лист на ФНРЈ" бр. 51/55) престанува да важи Законот за Јавното правобранителство основано со законот објавен во ("Службен лист" бр. 24/52).
    Според одредбите на Законот за Јавното правобранителство од 1955 година , Јавното правобранителство во поглед на имотните права и обврски ја застапува пред судовите и другите државни органи Федеративна Народна Република Југославија, народните републики, автономите единици, околиите и општините (политичко - територијалните единици), установите што имаат својство на правно лице, а се финансираат од Буџетот, како и Фондовите што ги основале државните органи, а има својство на правно лице врши и други со Закон определени права и должности.
    Законот за Јавното правобранителство од 1955 престанува да важи со донесувањето на основниот Закон за Јавното правобранителство ("Службен лист на ФНРЈ" бр. 15/65) и овие се сојузни прописи кои ја регулираат материјата за Јавното правобранителство .
    За првпат материјата за Јавното правобранителство како републички пропис е регулирана во Законот за Јавното правобранителство ("Службен весник на СРМ" бр. 19/66) , кој Закон престанува со Законот за Јавното правобранителство ("Службен весник" бр. 9/77). Според одредбите на овој Закон, Јавното правобранителство е орган на Републиката, на општините  и на Град Скопје, кој превзема мерки и правни средства определени со Закон заради правна заштита на имотните права и интереси и врши и други права и должности определени со Закон.
    Јавното правобранителство својата функција ја врши врз основа на Уставот, Законите и прописите и општите акти на општествено - политичките заедници и нивните органи донесени во согласност со Закон, а во согласност со политиката утврдена со општите акти на Собранието на соодветната општествена - политичка заедница.Функцијата на Јавното правобранителство во рамките на правата и должностите на Социјалистичка Република Македонија ја врши Јавното правобранителство на Македонија, а во рамките на правата и должностите на општината, општинското јавно правобранителство.
    Собранието на две или повеќе општини може спогодбено да основа заедничко општинско јавно правобранителство.
    Функцијата на Јавното правобранителство во рамките на правата и должностите на Град Скопје, ја врши Јавното правобранителство на Град Скопје.Јавното правобранителство пред судовите и другите органи ја застапува општествено - политичката заедница и нејзините органи, како и месните заедници во поглед на нивните имотни права и интереси и им укажува друга правна помош.Со донесување на Законот за Јавното правобранителство ("Службен весник на РМ" бр. 47/97) престанува да важи Законот за Јавното правобранителство ("Службен весник на СРМ" бр. 9/77) , и општинските јавни правобранителства и Јавното правобранителство на град Скопје престануваат со работа со денот на примената на овој Закон 01.01.1998 година , а Јавното правобранителство на Република Македонија продолжува со работа како служба на Владата на Република Македонија .
    Со овој Закон Јавното правобранителство се основа како служба на Владата на Република Македонија која превзема со Законот определени мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши и други права утврдени со Закон.
    Со одлука на Владата објавена во ("Службен весник на РМ" бр. 57/97) се утврдува бројот на подрачјата за вршење на Јавно правобранителската функција и тоа: Скопје, Битола,Велес, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Кичево, Куманово, Кавадарци, Охрид, Прилеп, Струмица, Струга, Тетово и Штип. Со донесувањето на Законот за Државното правобранителство ("Службен весник на РМ" бр.87/07) со денот на започнувањето на примената на овој Закон престанува да важи Законот за Јавното правобранителство ("Службен весник на РМ" бр.41/97) и Јавното правобранителство на Република Македонија продолжува со работа како Државно правобранителство.
    Според одредбите на Законот за Државното правобранителство на Република Македонија (во натамошниот текст: Државното правобранителство) е државен орган кој превзема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши други работи утврдени со овој и друг Закон. Државното правобранителство ги остварува своите надлежности врз основа на Уставот, Законот и ратификуваните меѓународни договори.
    Функцијата на Државното правобранителство ја врши Државниот правобранител на Република Македонија (во натамошниот текст: Државниот правобранител) и Државните правобранители во Државното правобранителство ( во натамошниот текст : Државните правобранители )  .
    Државниот правобранител по предлог на Министерството за правда го именува Владата на Република Македонија за време од 6 години со право на повторен избор, Државните правобранители ги именува Владата на Република Македонија од претходно прибавено мислење од Државниот правобранител без ограничување на мандатот.
    Владата на Република Македонија по предлог на Државниот правобранител со Одлука го определува бројот на Државните правобранители и донесува Одлука со која го утврдува седиштето на Државните правобранители и подрачјата на судовите каде се врши Државноправобранителската функција.

ДРЖАВЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА